Карикатура

37.Светска галерија на карикатури - Скопје 2009

40 години потоа...

Голема привилегија е за човек кој самиот учествуваше во создавањето на една значајна културна манифестација, да може повторно да учествува во нејзината реинкарнација — 40 години потоа. Беше тоа едно друго време во 1969, еден поинаков систем кога една млада група талентирани карикатуристи полни со ентузијазам, собрани околу хумористично — сатиричното списание „Остен“ (кои самите го обновија 1966) одлучија својот понатамошен животен ангажман професионално да го посветат на карикатурата. Без многу искуство, импресионирани од големата солидарност која светот несебично ја понуди на нивниот град Скопје после земјотресот, решија да се оддолжат на светот организирајќи Светска галерија на карикатури. Таа од Скопје создадоа центар во кој еднаш годишно ќе се собираат карикатуристите од целиот свет да ги прикажат своите хумористични и сатирични боцки, своите критики кон општочовечките глупости, но и сите хумани пораки за мир, подобар и поцивилизиран свет. Финансирана главно од средствата на Собранието на град Скопје, а подоцна и од Министерството за култура на Македонија, Светската галерија на карикатури во Скопје, во следните 37 години стана „Мека“ на современата сатирична мисла, а истовремено и „високо образовна установа“ и инспирација за оние што се решаваа хуморот и сатирата да им бидат животна определба, како хоби или професионална ориентација. Граѓаните на Скопје и Македонија добија еден значаен и ширум отворен прозорец кон светот за сопствените погледи, а македонските автори — и за лична афирмација. Меѓутоа се случуваат и непредвидливи работи кои понекогаш знаат убавите нешта да ги закочат. Смената на генерациите и неснаоѓањето во суровите транзициски услови беа причина Галеријата привремено да исчезне од светската мапа на ваков вид фестивали. За среќа, и за релативно кус период, новото време и новиот општествен систем донесоа и нови решенија – Светската галерија на карикатури во Скопје да може повторно да застане на нозе и сите заедно да уживаме во нејзината реинкарнација во уште поголем сјај и поголема професионалност. Ликовниот уметник Мице Јанкуловски, денес сопственик на брендот „Остен“, годинава вложи огромен труд и средства да се возобнови Галеријата и гулабот на мирот, кого во тогашниот салон на Музејот на современата уметност во Скопје карикатуристот Салвадор Хозе Бернардо Пачеко – НАНДО во 1969 го пушти да лета, промовирајќи го во симбол на скопската Светска галерија на карикатури. Гулабот и денес продолжува да лета на општо задоволство на сите љубители на цртаниот хумор. Масовното учество на годинашнава возобновена Галерија говори за несмалениот авторитет што оваа манифестација го имаше во светот, говори за еден голем број имиња на млади карикатуристи ширум светот, говори за еден голем број нови земји учеснички, говори за тоа дека денешниов комуникациски поврзан глобализиран свет го мачат слични или исти проблеми. Решенијата што карикатуристите се обидуваат да ги наметнат преку своите едноставни и специфични цртежи се своевиден придонес за општата хуманизација. Во таа потрага по вистината македонските карикатуристи и понатаму продолжуваат да бидат на врвот на настаните и квалитетот.  
Дарко Марковиќ, ДАР–МАР 
(автор и на воведниот текст на првиот каталог од 1969 година)

Наградени автори на 37. Светска галерија на карикатури - Скопје 2009

Гран при - РОБЕРТ ДАНДАРОВ, САД
Прва награда - МИРОСЛАВ ГЕОРГИЕВСКИ - МИРО, Македонија
Втора награда - БРАТИСЛАВ КОВАРИК, Република Чешка
Трета награда - РУМЕН ДРАГОСТИНОВ, Бугарија

Специјални награди од жири комисијата:
ОКТАЈ БИНГОЛ, Турција
ПАНДЕ ПЕТРОВСКИ, Македонија
МУСА ГУМУС, Турција
ГОРАН ДИВАЦ, Србија
СЕРЈАН КАФЕРЛИ, Азербејџан

Специјални признанија од ОСТЕН:
ДИЕГО МАЛО ФЕРЕР, Шпанија
ДУШАН ЛУДВИГ, Србија
КОНСТАНТИН КИОСУ, Румунија
ЕРАЈ ОЗБЕК, Турција
РОС ТОМСОН, Велика Британија
ГАШПЕР РУС, Словенија
АРБЕН МЕКСИ, Албанија
ПАОЛО ДАЛПОНТЕ, Италија