Што?
Целата претходно добро осмислена и испланирана уметничка програма се одвиваше во простори на компании / институции од различен профил, кои зедоа учество во манифестацијата. Содржината на програмата го одразува европскиот интер-културен карактер, со единствен критериум – да ја промовира европската уметност и европскиот културен диверзитет како една од основните придобивки на обединувањето на Европа. Отворањето на манифестацијата беше воедно и прослава на 9. мај – денот на Европа, а се одбележа со отворањето наизложбата „Наградени автори на Светската галерија на цртеж: "Пикасо, Вазарели, Циуха и Величковиќ“, во галеријата ОСТЕН.
Манифестацијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Македонија, г. Петер Соренсен.
За време на манифестацијата во галерија Остен, која влегува во територијалната рамка на проектот, се одвиваше видео-проекција на филмови од различен вид (долгометражни, документарни, уметнички...) кои се однесуваа на делата и уметниците кои ќе бидат изложени во рамките на манифестацијата. Исто така беше прикажан и пригоден видео-материјал за Европска Унија.
Каде?
Местото на одвивање на проектот е Општина Центар Скопје, поточно ул. Максим Горки со потесната околина, каде се сместени повеќе јавни институции, компании, дипломатски претставништва...
Оваа улица веќе подолго време се заговара да биде улица на уметноста, па оваа манифестација само ќе допринесе за побрза реализација на таа идеја.
Кога?
Манифестацијата се одвиваше на 6-7-8-9. мај2011, како повод за прослава на 9.мај 2011 – денот на Европа. Денот кога Роберт Шуман го презентираше неговиот проект за создавање на организирана Европа, неопходен за одржување на мирољубиви релации – е истовремено прилика за активности и манифестации кои меѓусебно ги зближуваат луѓето на Европа.
Зошто?
Нашето искуство кажува дека изложбите ги посетуваат ограничен круг на луѓе и впечатокот е дека секогаш истиот (одреден) број на луѓе се присутни на повеќето изложби. Овој факт укажува на тоа дека нивото на културна свест на пошироката публика во Македонија е релативно ниско. Сметаме дека тоа е последица на актуелната општествена состојба во Македонија и постои потреба од дополнително анимирање на културата. Содржината и квалитетот на понудата на уметничката програма, сама по себе, веќе не е доволна за да ја привлече пошироката публика. Постои потреба за популаризација на културните настани преку едукација и информација за уметниците и вредностите на уметничките дела и воспоставување на соодветен механизам за мотивација на пошироката публика за посета на културните збиднувања. Постои очигледна потреба да се одговори на очекувањата на граѓаните и да им се понуди содржина.
Денот на Европа е одлична прилика за тоа.