„НАЈЦРНАТА ЦРНА“ од Мице ЈАНКУЛОВСКИ

Самостојна изложба на слики (карбон на платно) „НАЈЦРНАТА ЦРНА“ од Мице ЈАНКУЛОВСКИ од 20.4. - 4.5.2023 во Галерија ОСТЕН. Ве очекуваме...
НАЈЦРНAТA ЦРНA
Автор: Емил Алексиев

Мице Јанкуловски веќе подолго време работи слики во големи формати со црна боја (2012 - 2022 / Форма 3), а од 2022 година почна да слика со карбон црна боја (најцрната црна) и на изложбите во Њујорк се претставува премиерно со сликите од оваа, најнова фаза. Станува збор за користење на боја која ја апсорбира речиси сета светлина.
Во 2014 година Surrey Nano Systems разви супер црна боја позната како Vantablack. Vantablack е акроним за Vertically Aligned Nano Tube Array Black. Првично, Surrey Nano Systems ја создаде оваа црна боја со развивање на микроскопски филаменти од јаглеродни наноцевки (CNTs) на површината на производите што се бојат. Surrey Nano Systems тврдеше дека апсорбира 99,965 проценти од светлината, што во тоа време го направи најцрното црно познато на науката. Интересно е дека во 2016 година, не долго откако беше создаден Ventablack, скулпторот Аниш Капур ги купи сите права на бојата. Ова купување предизвика многу реакции во уметничката заедница, бидејќи купувањето боја за потоа да се продаде по ексклузивни цени е во конфликт со вредностите на креативност, изразување и инклузивност во уметноста. Само пет години по откривањето на Vantablack, MIT пронајде црна боја која е десет пати потемна. Оваа нова црна боја зафаќа 99,995 проценти од светлината.
Во декември 2022, како целосен контраст со новогодишното шаренило, црните слики од циклусот НАЈЦРНО ЦРНО / BLACKEST BLACK на Мице Јанкуловски беа премиерно поставени во галериите Артефактс и МЦ Галерија во Њујорк и станаа дел од светската уметничка сцена одразувајќи ги сите контроверзи и дубиози, но и сета  привлечност, заводливост и убавина на фасцинантниот спектакл кој се вика современа ликовна уметност денес. 
Сликите на Јанкуловски се црни. Тука се работи за процес во нашето око, предизвикан од прелевањето на црните тонови и нивна интеракција, а не за нешто што може да се наслика и што постои пред самиот чин на сликање. 
Во неговите слики се случува драма. На нивната површина се судираат сили кои оставаат видлива трага. Овие траги создаваат движење што се шири во бесконечноста и линии кои ја разделуваат и разградуваат темната материја на сликата. Тука владее светлосен распад, désgrégation lumineuse. Светлината доаѓа од заднината, од внатрешноста на сликата – во еден простор, но во безброј рамништа. Пред овие слики имате впечаток дека стоите пред бескрајната и бесконечна Вселена од чија длабока темнина допира до вас светлината на одамна мртвите ѕвезди. Чувството е возвишено и застрашувачко.
Додека уметноста продолжува да се поткопува самата себе во анти-уметност или се губи во животот – или, како во сликите од циклусот НАЈЦРНО ЦРНО / BLACKEST BLACK на Мице Јанкуловски, ја открива трансцеденцијата поврзувајќи ја на чудесен начин науката и уметноста.
Воопшто не е случајно премиерното пертставување и големиот интерес на овој циклус слики на Мице Јанкуловски токму во Њујорк. Овие слики и припаѓаат на американската њујоршка школа и можат да се поврзат со црните слики на некои од најзначајните американски уметници како што се Роберт Раушенберг (1925-2008), Ед Рајнхард (1913-1967), Марк Ротко (1903-1970) и Френк Стела (1936), и на сеуште актуелната традиција на американскиот апстрактен експресионизам од педесеттите и шеесеттите години од минатиот век кога Њујорк го победи Париз како светско средиште на модерната уметност.
Презентирајќи го своето најново творештво, Мице Јанкуловски успешно го афирмира и современото македонско сликарство.
 

Галерија