ИЗЛОЖБА СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО - ВАЗАРЕЛИ, ДАЛИ, ПИКАСО, ПАНДИЛОВ, МИРО

Од 9.2.2017 до 9.3.2017, во просториите на галерија ОСТЕН се одржуваше изложба посветена на добитниците на наградата Светско културно наследство на ОСТЕН Биеналето на цртеж Скопје, која им се доделува на починати уметници, добро познати во светот на уметноста, кои успеале преку своето творештво да отпочнат нови трендови на експресија кои и ден денес ги инспирираат уметниците, но и “обичните смртници”.
Беа изложени графики, цртежи и слики на Виктор Вазарели, Салвадор Дали, Пабло Пикасо, Димитар Пандилов и Хуан Миро.

Вазарели, основачот на Оп-артот (Optical art) успеа да постави темел на еден сосема нов уметнички израз базиран на оптичка илузија. Таа, маестрално изведена многу порано пред да бидат измислени компјутерите, е своевиден трик кој го наведува набљудувачот да помисли дека сведочи на некое движење во самото дело, што е индикатор за неверојатните способности на уметникот да навлезе во нова сфера на перцепцијата, отварајќи притоа еден сосема нов свет на можности во поглед на уметничката експресија.

Еден од најпознатите надреалисти, контроверзениот и екцентричен Дали, долго по својата смрт ги бранува конвенционалните сфаќања за тоа до колку далеку може да отиде еден уметник во поглед на своето творештво доколку отиде екстремно далеку во себе си. Човек кој голем дел од инспирацијата ја црпел од бунарот на сопствената потсвест, без страв продирал во сферата на непознатото, разоткривајќи ги своите сознанија преку своите ремек дела кои и ден денешен се ништо помалку од едноставно воодушевувачки.

Пикасо е најпознат како Кубист, но за да му се придаде ексклузивитет на само овој правец како нешто што  го дефинира неговиот идентитет како еден од најголемите уметници на нашето време, би било одраз на тотално незнаење. Пабло Пикасо бил еден од најкреативните и најподготвени за експериментирање со сопствените способности во групата уметници вклучени во поставката.  Грабел пред другите пред се поради неговата надчовечка способност да се изрази себе си преку вариетет на техники и стилови, постигнувајќи неверојатни резултати во поглед на уметничкиот израз во рамките на сите нив. Токму од оваа причина, Пикасо е вистинска  легенда во светот на уметноста.
 
Значењето на Пикасо глобално е сосема исто како значењето на Димитар Аврамовски Пандилов на македонската арт сцена. Тој се смета за прв македонски Импресионист и основач на модерната македонска уметност. Пејсажите се препознатливи за него, преку кои тој ги доловува убавините на татковината, но на еден непретенциозен и ненаметлив начин, кој му остава простор на набљудувачот вистински да ужива во изборот од палетата на бои, прашувајќи се какви ли се други убавини се кријат на ова мало парче земја.
 
Каталонската гордост Хуан Миро е исклучително занимлив како уметник. Едно од неговите поинтересни достигнувања е неговиот личен сликовно знаковен јазик кој е централен во неговото творештво и кој ја одразува евидентната амбиција на уметникот да се позиционира високо на пиедесталот меѓу Надреалистите. Миро како и останатите поклоници на ова движење, ја тестирал својата имагинација која, финално, ќе го однесе некаде каде што веројатно не ни сонувал дека ќе се најде-на самиот врв меѓу останатите генијалци кои светот на уметноста ќе ги памети и глорификува уште долго.

Галерија

Поврзани блог статии