Цртежи-објекти и скулптури од Васил Василев, еден од највлијателните македонски вајари се изложени во скопската галерија ОСТЕН.
Повод за изложбата е наградата Уметник на годината, која ОСТЕН му ја додели за 2016 година. Претставени се три понови и две постари скулптури, направени во континуитет, а беше промовирана и неговата графичка мапа "Асоцијативни форми", која содржи десет цртежи. Василев најчесто работи со дрво, кое е природен и отпорен материјал.
- Дрвото е обемен материјал, кој бара мноry време за работа, снага за да се обработи. Дрвото го наоѓам надвор и е такво какво што го создала природата, па му се дава форма. Две третини од него отпаѓаат, значи потребна е физичка работа. Секако, во целиот процес е присутна емоцијата и тоа не само кај скулптурите - изјави Василев, кој е професор по вајарство на Факултетот за ликовна уметност.
Тој вели дека има интерес кај студентите за овој вид уметност, но во однос на изборот на материјали за обработка, класичната уметност се ryби и се заменува со модерни и полесни материјали.
- Во вајарските класи некогаш се случуваше да имам повеќе од десет студенти, а еднаш се случи да имам дури и десет студентки, без ниту едно машко, иако се работи за програма што бара да се длаби камен, да се обработува дрво, пластични материјали. Во однос на материјалот, уметноста денес не е веќе класична. За жал, таа се губи за сметка на модерната уметност и сега повеќе се оди на полесни материјали - памук, сено, жица, јаже... - објаснува Василев.
Галеријата "Остен", која оваа изложба ја организира во рамките на оф-програмата на Биеналето на цртеж, во најавата истакна дека Василев е важен соработник на "ОСТЕН",добитник на наградата ИМАФ (Интернационална фондација за музика и уметност) на "ОСТЕН - Биенале на цртеж Скопје 2016 и е прогласен за уметник на "ОСТЕН" за 2016.
Пред неполни пет години, во Даут-пашиниот амам во Скопје беше отворена ретроспективна изложба на творештвото на Василев. Импресивно беше на едно место да се видат повеќе од 150 скулптури и 70 цртежи. Предодреден да биде уметник, тој е еден од најпознатите вајари што ја одбележаа македонската ликовна сцена, професор во пензија, педагог, кој вели дека секогаш бил другар со своите студенти. Разликата во годините се неважни ако се роди вистинска комуникација меѓy две битија. Во една анегдота, тој се сеќава на цртеж што го нацртал кога бил дете. Вели дека уште тогаш бил предодреден да биде уметник. Важел за најдобар цртач во класот, па логично било да продолжи во Средно уметничко училиште. Таму првпат се судрил со скулптурата и се предодредил на вајарскиот оддел. А зошто го одбрал токму дрвото?
- Реално, ние немаме мноry материјал за избирање. Дрво, мермер и железо. Мермерот е недопирлив и материјално и по тежина, а железото како материјал не ми лежи. Остана дрвото. Тоа е достапно, може да се најде, се обработува лесно или тешко и веднаш ја реализирам во материјал. Не треба леење. И нормално, една од особините на дрвото е топлината. Самото дрво да се постави во простор функционира како интересна форма. Кога ги завршував студиите излезе еден портрет во дрво. Случајно или намерно портретот ми стана многу интересен и до денес е присутен и е дел од изложбата. Изгледа ми даде повод да се предодредам на дрвото - раскажува уметникот.
Васил Василев (Скопје,1938), студирал на академиите за ликовни уметности во Љубљана и во Белград, каде што и дипломирал. Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) членува од 1966 година. Бил на студиски престои во Италија, Франција, Германија, Грција, Бразил, Египет, Кина, САД и во други земји.