Како што најавивме на известувањето за медиуми пред 2 дена (15.3.2022 - кога ги објавивме главните награди на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО на ЦРТЕЖ Скопје 2022 – ГРАН ПРИ за животно остварување на Јозеф КОШУТ, САД и Наградата СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО на творештвото на РЕМБРАНТ), ОСТЕН започна претставување на уметниците - учесници на овогодишното ОСТЕН БИЕНАЛЕ на ЦРТЕЖ Скопје 2022 со проектот на Марија ПАВЛОВСКА „Г-ѓа и г-ца Х“.
Денес во Галерија ОСТЕН во 12 ч. беше претставен мултимедијалниот проект „Г-ѓа и г-ца Х“ на македонската и интернационална уметница Марија Павловска (куратор: Корнелија Конеска).
Проектот се состои од изложба на полиптих од 32 дигитални дела (50 х 50 см / секое) и видео како составен дел од изложбата.
Истовремено, од страна на ОСТЕН беше изготвена графичка мапа од 12 избрани дела од проектот „Г-ѓа и г-ца Х“ во едиција од 5 копии, и со нивното потпишување уметницата Павловска стана дел од групата на интернационални уметници чии графички мапи ја сочинуваат единствената Библиотека на графички мапи „Светско културно наследство“ во издание на ОСТЕН Скопје.
За проектот „Г-ѓа и г-ца Х“ на Марија Павловска
(текст Корнелија Конеска)
Циклусот од 32 дигитални дела и видео наречен „Г-ѓа и г-ца Х“ на Марија Павловска е ехо на исклучително силната женска енергија на Павловска, која ја претставува повеќеслојната комплексна природа на женскиот елемент – од жената како Мајката Земја до жената г-ѓа и г-ца Х – како рамноправен субјект на современото општество со комплетно задржани атрибути на женственост.
Три елементи доминираат во оваа серија – жицата, кругот и ѕидот.
Жицата – како симбол на нескршливост, која добива форма на безброј кругови, правилни и неправилни (симбол на безброј одлуки во животот на жената), но секогаш совршени (како кругот), како и нивните рефлексии (сенки) врз белата површина од ѕидот – континуираните препреки и предизвици во животот на секоја жена.
Видеото (кое е дел од изложбата) со звукот и подвижните слики – само визуелно го надополнува моментот на повеќедимензионалнот и комплексност на жената и нејзината трансформација. Моментот на трансформација во овој проект има универзално значење зашто еднакво важи за трансформацијата на жената во текот на нејзиниот живо во оваа, земна димензија, како и за трансформацијата на жената во текот на целата историја на човештвото.
За уметницата Марија Павловска
Уметничко патување на Павловска започна уште од рана возраст. Родена во Скопје, Македонија (Југославија), по студиите започнала резиденција и имала самостојни изложби во Париз, Берлин, Словенија, Виена, Белград, Загреб, Сараево, Нирнберг (Германија) и Њујорк. По нејзиното прво соло во Њујорк во 2007 година, таа живее во Њујорк и продолжи да биде активна на њујоршката уметничка сцена и на меѓународно ниво. Нејзини дела се претставени низ целиот свет на преку 30 самостојни изложби и повеќе од 100 групни меѓународни изложби. Нејзините уметнички дела се претставени во многу списанија, написи во весници и каталози на музеи и галерии ширум светот.