Проекти

Изложба на Ирена ПАСКАЛИ - "Безвремено"

Изложбата на Ирена Паскали - БЕЗВРЕМЕНО е мултимедијален проект составен од три дела: цртежи, експериментални филмови и акварели.

ЦРТЕЖИ со срдновековeн јаглен, 2016
Цртежите според форматот се типични хоризонтали, нацртани на хартиени ленти 50 x 1000 см со средновековен јаглен (пред 18-ти век). Стилски, тоа се едноставни, чисти, јасни и елегантни цртежи, каде јагленот говори сам за себе. 

На изложбата ќе бидат претставени и два експериментални филмови, 8мм:

ВРАТИ, 2015/2016
експериментален филм, 8мм
Вратите, прекрасни или едноставни, честопати се однесуваат како времето. Тие се тивки сведоци за минатото, оставајќи не да се прашуваме како се живеело и страдало зад нив. 

БЕЗВРЕМЕНО, 2015/2016
експериментален филм, 8мм
Религиозните објекти на Ерусалим, Охрид... – се безвременски
Жената: дете / девојка / жена – е безвременска
Водата е безвременска
Човекот безвременски се стреми да оди нагоре...

АКВАРЕЛИ, 2003/2004
Уметницата ги има направено овие уметнички дела користејќи ја сопствената крв како материјал за акварел. Направени се околу 25 акварели со различна големина со теми пејсажи, портрети, мртва природа, од кои во галеријата ОСТЕН ќе бидат изложени 6.
Идејата за овие извонредни дела е започната во рамките на проектот “Хибридна течност - сила на уметноста” во музејот Казино Луксембург, Луксембург во 2003, а завршена со делата во рамките на изложбата во Хал Ин Тирол, Австрија во 2004. 
Пораката на уметницата е: КРВТА Е НАЈВРЕДНАТА ТЕЧНОСТ ВО СВЕТОТ!

За авторот:

Ирена Паскали е родена во 1969 година во Охрид, израснала во Скопје и денес живее во Келн, Германија. Студирала на Фалултетот за природни науки и дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, пред да се запише на пост-дипломските студии на Академијата за медијални уметности во Келн, каде дипломирала во 2007 година.

Паскали е современа македонска уметница, која провоцира, особено со нејзините дела со социјално-политичка заднина. Нејзиниот фокус е внатрешниот конфликт на културите и религиите, прашањата на идентитетот и оттуѓувањето – теми со кои се има сретнато од прва рака во нејзината родна земја, а истите продолжиле да ја следат и надвор од земјата. Од 2001 година, има учествувано во бројни изложби, фестивали и програми за престој на уметници, во македонија и во странство, Германија, Австрија, САД, Србија, Бугарија, Англија, а на почетокот на 2007 се има претставено со самостојна изложба “Урбани пејсажи” во Cité International des Arts во Париз.

Ирена Паскали работи во повеќе медиуми: фотографија, принт, цртеж, видео и различни материјали, чии композиции водат кон инсталации.