Карикатурата е најстарата уметност. Во првите обиди да изрази нешто со зборови, човекот сеуште не можел да говори и притоа "соговорникот" му подавал јаглен од огнот во пештерата за да ја нацрта пораката на ѕидот, за воедно да ја разбере истата. Така се родила прабабата на карикатурите. Тоа биле и почетните обиди за шега и смеа, а меѓу другото и смеата го разликува хомо сапиенсот од животните. Затоа карикатурите одиграле клучна улога за интелектуалниот развој на нашите претходници. Не случајно првите човечки цртежи комбинираат во себе графички знаци и сиже, кои се подоцна основа за почетокот на писменоста, на азбуката. Така антропологијата станала најсмешната наука.
Карикатуристите се витези на доброто, тие можат да ја казнат неправдата, да ги обелоденат гревовите и сами да се казнат, но никогаш не за долго. Во моментот кога ја објавуваат својата весела пресуда, тие продолжуваат напред кон други ветерници, како Дон Кихот.
Денес, ја сознаваме тоталната злоупотреба на зборовите, но имаме задоволство да се враќаме кон природното чувство за хумор, иронија и сарказам преку најлаконскиот жанр – КАРИКАТУРАТА.