Како голем почитувач на уметноста, како познавач на потребите на уметниците и креативните процеси во уметничкото творештво, ОСТЕН - уметност на хартија ги стимулира, мотивира и поттикнува уметниците да творат преку доделување на награди. Иако воспоставената комуникација и соработка со учесниците на Светската галерија на цртеж е награда сама по себе, валоризацијата на трудот и признанието за вградениот дел од себе на нацртаната хартија или насликаното платно на авторите им дава дополнителен потстрек за понатамошна продукција. Воспоставивме систем на награди преку кој оддаваме почит кон авторите и преку кој сакаме да го вреднуваме секој засебен уметнички квалитет и сензибилитет.
Награда Светско културно наследство - доделуваме на автор кој со своето творештво остварил големо влијание врз светската уметност.
Гран при - доделуваме на автор кој за време на својот професионален живот го достигнал врвот на својата професионална кариера, или чие дело претставува врв во дотогашното творештво на авторот.
Првите награди - се доделуваат на мајсторите во својата област и е очигледно дека нивните дела спаѓаат во значајни дела на светската уметност.
Наградите ЗЛАТЕН ОСТЕН - се доделуваат на уметници кај кои сакаме да стимулираме понатамошна продукција, па затоа дел од наградата се состои во нивно учество во Програмата за престој на уметници ЗЛАТЕН ОСТЕН, која ОСТЕН - уметност на хартија ја организира секоја втора година (во годините помеѓу Светската галерија на цртеж како биенална манифестација).
Посебните награди - било да се доделени од стручното жири или од ОСТЕН - уметност на хартија, секогаш претставуваат признание за посебноста на уметничкиот израз во делата на авторите.
Со понудените награди и признанија сакаме да ги предизвикаме авторите на квалитет и континуираност во својата продукција, но исто така и самите си поставуваме предизвици. Покрај паричните награди соодвето за секоја категорија, си поставивме цел да собереме онолку дела на број колку што години постои ОСТЕН (оваа 2011 година 66 години) од наградените автори со Наградата Светско културно наследство и Гран при, како и половина од тој број (33 дела) од првонаградените автори.
Сепак, наш најголем предизвик е обезбедувањето на соодветен простор за целата насобрана уметничка енергија околу ОСТЕН - уметност на хартија, а тоа е Музејот на цртеж, каде ќе бидат сместени сите дела на наградените автори на Светската галерија на цртеж. Сакаме да постигнеме Музејот на цртеж да биде светилник кој за уметниците ќе биде патоказ дека се на вистионскиот пат во креирањето на својот уметнички израз.