Проекти

НЕОСВЕТЛЕНИ СОБИ изложба на Тијана КОЈИЌ

Од 27 април до 7 мај 2016 година, во галерија ОСТЕН ќе може да се види извонредната изложба на младата српска уметница од Белград, Тијана КОЈИЌ со наслов (НЕ)ОСВЕТЛЕНИ СОБИ. За оваа прилика се подготвени околу 40 дела изведени со интересна синтеза на различни техничко-технолошки можности. Авторката комбинирала графички, цртачки и сликарски постапки на алуминиумски плочи со различни формати .

За уметницата Тијана КОЈИЌ

Родена е во Белград во 1987 год.
Дипломирала во 2011 на Факултетот за применети уметности во Белград.
Учествувала на преку 120 интернационални групни изложби и имала над 11 самостојни изложби. 
Награди и признанија: Награда на Салонот на град Земун (2011); Награда ЗЛАТЕН ОСТЕН на ОСТЕН БИЕНАЛЕ на ЦРТЕЖ Скопје 2012; Награда на Факултетот за применети уметности, Фонд на Александар Томашевиќ (2012); Прва награда за сликарство, Уметничка фондација Ниш (2012); 
Прва награда за цртеж на фондот на Владимир Величковиќ (2012); 
Награда ЗЛАТЕН ОСТЕН на ОСТЕН БИЕНАЛЕ на НАГРАДЕНИ АВТОРИ Скопје 2013.
Од 2014 година, работи како асистент на Факултетот за применети уметности во Белград. Член е на УЛУС и УЛУПУДУС.
http://www.tijanakojic.com/ )

За изложбата (НЕ)ОСВЕТЛЕНИ СОБИ на Тијана КОЈИЌ
(белешка на авторката)

Изложбената целина (Не)осветлени соби е природно продолжение, или нов слој на претходниот циклус со назив Стратум, кој беше претставен на белградската публика во галеријата Графички колектив на почетокот на 2016 година. Овие две изложби, поединечно и заедно, претставуваат визуелен и идеен контрапункт на циклусот (Суб)екумена (прикажан во галеријата СКЦ во Белград, 2015 година), во кој се разгледува расплинувањето на човечките поединечни мисли и стремежот кон хоризонталата на собирите кон кои привремено и/или повремено припаѓа. Поновите циклуси ги испитуваат можностите на човековото враќање во поединството, расветлувајќи ги околностите на сингуларното постоење.

Вежбање на исчезнувањето
Нејасно но упорно, матно но интензивно, како синоним за несовпаѓањето на центарот и оската и како симптом на болната неадекватност на поседникот и поседот, на глетката и набљудувачот, се јавува желбата да се биде некаде на друго место.
Сега, повеќе од било кога, со посредство на виртуелните авети престојуваме во повеќекратни некохерентни простори. Центарот на нашиот сопствен свет никогаш не се совпаѓа со една, статична вертикала. Тлото е натопено, омекнато и однесено од копнежот за некој друг, вистинолик пејсаж. Самодвижечкото својство на овој копнеж е исцрпувачко, но тоа својата сила ја обновува, укажувајќи на ужасот од опасноста од инертност. Инертноста, се чини, застана на местото на самотноста, која е заменета со воопштеност. Воопштеноста е мала смрт след престанувањето на постојаното поместување на центарот на оската, непростив застој кој е опонент на замаецот на животот. 
Оддалечувањето, сепак, не е единствен принцип и двигател на движењето. Самотноста, сепак, не е само едноставно распаѓање на поредокот во знакот на имплозија. Таа е предуслов за повторно вселување во сопственото тело. Тоа вселување е враќање од хоризонталата на плуралното постоење и од номадскиот лов со желба да се биде некаде на друго место, само не на местото на сопственото поединство. Кога преќутните претпоставки ќе ја изгубат силата и кога стравот од смртта ќе попушти, можно е да се увежба исчезнувањето, самонапуштање и враќање во просторите кои пулсираат во темнината на капаците. Каква е оваа темнина, која може да биде и супрематистички пејзаж, но и глува тишина и многу пуста празнина. Темнината ги расплинува деталите и упатува на целината, исцртува рамна соба која се шири надвор од нас и се собира во нас. Таа е дифузна и огромна, а човекот во однос на неа е беззначаен, но со избор: да биде поразен или восхитен.