Проекти

ПИКАСО цртежи, графики и керамики - 66 дела од колекцијата на ОСТЕН

ПИКАСО - 66 дела од колекцијата на ОСТЕН

На 38.Светска галерија на цртеж – Скопје 2010 во организација на Остен, добитник на Награда за светско културно наследство беше Пабло Пикасо. Според статутот, Остен се обврзува да има онолку дела од добитниците на Награда за светстко културно наследство, колку што брендот Остен има години во годината кога е добиена наградата. Оттука – 66 дела на Пикасо од колекцијата на ОСТЕН – уметност на хартија. 
Секако, колкава и да е колекцијата на дела од овој автор, таа го носи епитетот „мала“, во споредба со севкупниот негов опус. Она што  може да го понуди изборот на дела за оваа публикација е увид во бројноста на различните фази, расположенија и пристапи на авторот, во различни периоди од неговиот живот. Освен таканаречените класични медиуми – масло на платно и скулптура – опусот на Пикасо опфаќа бројни серии графики, керамика, но и миговни цртежи „на лице место“, толку карактеристични за неговиот стил на работа, во книги, каталози и какви било други публикации, разгледници, писма и сл., нацртани при посвета или во чест на одредени личности, и сето тоа изработено во најразновидни познати и непознати експериментални техники. Кога на разновидноста на техниките ќе се придодаде и разновидноста на темите – со нагласок дека одредени теми се провлекуваат низ севкупното негово творештво – а, кон тоа и врвното мајсторство во изработката и незапирливиот изблик на креативност, го добиваме делото на Пикасо, еден од најголемите и највлијателни автори на 20 век. 
м-р Сафет Ахмети
Историчар на уметноста