ОСТЕН - уметност на хартија го почитува минатото, активен е во сегашноста и верува во иднината.
Искуството од 66-годишната традиција на Светската галерија на карикатури и Светската галерија на цртеж, претставува одлична основа за осмислување и вклучување во различни развојни проекти. Отворени сме за креативни, добро осмислени и содржински проектни активности, кои ќе ја анимираат и едуцираат пошироката публика и истовремено ќе остварат влијание врз подобрувањето на општествениот живот во областа на културата и уметноста. Тоа го сметаме како наш придонес кон градењето на релеванта и критичка публика, рамноправен љубител и познавач на уметноста. Истовремено, наша задача и цел е да анимираме и вклучуваме што повеќе професионални теоретичари, критичари и историчари на уметноста, кои ќе дадат осврт на содржинските длабочини на уметничките дела во било која изразна форма и на тој начин ќе креираат документ за развојот и движењата во уметноста во нашето време, а уметноста ќе ја направат подостапна за пошироката публика.
Веруваме дека информациите и енергијата разменета при организацијата на современи проектни активности, во кои даваме предност на новите медиуми како изразни средства и на новите и креативни начини на комуникација помеѓу уметниците и пошироката заедница, ќе допринесат за генерално унапредување на целото општество.