Проекти

ПРОГРАМА за престој на уметници ЗЛАТЕН ОСТЕН


Нашата визија како организатори на Светската галерија на цртеж не е само еднократно да ги наградиме уметниците, туку постојано да ги поттикнуваме на предизвици – не само да ги предизвикуваме да се натпреваруваат, туку и да ја стимулираме нивната креативна, спонтана и природна непосредност. Тоа е основната идеја за основањето на програмата за престој на уметници ЗЛАТЕН ОСТЕН. 
Програмата за престој на уметници ЗЛАТЕН ОСТЕН е биенален настан од затворен тип кој се организира со цел да им обезбеди соодветно место за престој, работа и дружење на уметниците – добитници на наградата „Златен остен“ на Светската галерија на цртеж од претходната година. На овој начин, уметниците дополнително се стимулираат и мотивираат да продуцираат нови дела и да работат на градењето на своите кариери. Форматот на делата од уметничката продукција во рамките на програмата за престој ЗЛАТЕН ОСТЕН, по правило гo одредува добитникот на Гран При од претходната Светска галерија на цртеж.
Делата кои ќе се продуцираат за време на престојот на уметниците во Македонија во рамките на програмата за престој ЗЛАТЕН ОСТЕН, како и делата од авторите на секое издание на Светската галерија на цртеж ќе бидат прогласени за национално богатство и ќе бидат дел од колекцијата на Музејот на цртеж, кој е еден од најновите и можеби најамбициозните проекти на ОСТЕН – уметност на хартија.
 







* Скулптура ЗЛАТЕН ОСТЕН - официјална награда на ОСТЕН - уметност на хартија. Автор: Петар Хаџи Бошков