Проекти

ПРВОАПРИЛСКО ха, ха, ха...

„Ако пресметаме на колку луѓе ни е до смеење, можеби е многу 1. април - Денот на шегата да се прославува еднаш годишно? Од друга страна, зошто ни е таков празник кога секој ден ни е 1 април?! Па, сепак. Во ова време на глобална затвореност, скржавост, манипулативност, отуѓеност, време на спуштени глави и кренати ѕидови, кренати решетки и спуштени завеси, време на страв, омраза и суети, не би било лошо да застанеме пред огледалото и да се обидеме барем еднаш годишно да ги развлечеме нашите исушени усни заради слабата употреба и преку насмевка да ги видиме нашите расипани и штрбави и да си речеме: Ова треба да се поправи, пломбира, можеби треба и мост, дури и нови вилици! Затоа служи хуморот, сатирата и карикатурата. За да можеме поздраво да загриземе“
Повелба по повод 1. април - Денот на шегата - Дарко Марковиќ, карикатурист


Проектот „Првоаприлско ха,ха,ха...“ е заедничка иницијатива со Културно-информативниот центар на Бугарија во Македонија. Идејата е секоја година на Денот на шегата да се одржува заедничка изложба на македонски и бугарски карикатуристи. На ова, прво издание, со свои карикатури се претставија македонските карикатуристи: Дарко Марковиќ, Мице Јанкуловски, Мирослав Георгиевски - Миро и Драган Поповски, а од бугарските: Чавдар Николов , Ала и Чавдар Георгиеви и Љубомир Михајлов. На отворањето на изложбата на Дарко Марковиќ му беше доделена плакета за особен придонес во светската карикатура и Гран при за животно дело „Златен Остен“ (скулптура на скулпторот Петар Хаџи Бошков). Плакети добија Драган Поповски, Ала и Чавдар Георгиеви и Љубомир Михајлов. 


 

„Првоаприлско ха, ха, ха...“ е планиран како традицинален настан кој ќе се одвива секој 1.април во Галерија ОСТЕН.