Проекти

Инфо

Дарко Марковиќ (Македонија) е роден во Скопје во 1940 година. Карикатурист, сатиричар, филмски режисер, сценарист и сценограф, аниматор, стрип цртач, илустратор и дизајнер. Професионалната кариера како карикатирист ја започнал 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 година работи како главен уредник на хумористично-сатиричното списание „Остен“ и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје. За своите карикатури и анимирани филмови, има добиено преку триесет награди и признанија. Живее и работи во Скопје. Работи и на стриповите за Пецко. 
Драган Поповски (Македонија)е роден 1947 во Скопје. По професија е електроинженер. Карикатура работи повеќе од четириесет години.Учествувал на повеќе изложби во земјата и во странство и добитник е на неколку награди. До сега соработувал и со повеќе весници. Денес е редовен карикатурист во “Утрински весник“.
Георгиевски Мирослав - Миро (Македонија) роден 1946 во Скопје, по професија е машински инженер на која и останува верен целиот работен век. Карикатурата и стрипот отсекогаш му биле омилено хоби, последните дваесетина години многу поактивно работи на карикатурата, посебно  откако е член на Хрватското друштво на карикатуристи. Има објавувано во триесетина списанија, добитник е на триесет и осум домашни и меѓународни награди и признанија. 
Мице Јанкуловски (Македонија) е роден во јуни 1954 во Сливово, Македонија. Завршил Архитектонски факултет во Скопје. Активно се занимава со сликарство и карикатура. Добитник е на повеќе награди и има одржано преку 30 самостојни изложби низ светот. 
Чавдар Николов (Бугарија) е роден 1959 година. Објавува во многу бугарски весници и списанија, како и британските “Guardian” и “Private Eye”. Завршил последипломски студии во Бирмингам институтот за уметност и дизајн во Велика Британија.  Од 1997 до 2002 е карикатурист во весникот “Демократија”. Од 2000 до 2002 година е сценарист и уметник на анимираните политички клипови во рубриката “Панорама” на Бугарската национална телевизија. Од 2005 година до сега е карикатурист во весникот “Новинар”. Добитник на повеќе награди низ Европа. 
Љубомир Михајлов (Бугарија) е роден 1950 година во Каварна. Работи во областа на карикатурата, графичкиот дизајн, илустрацијата и книжевноста. Член на СБХ и FECO (Федерација на европските карикатуристи). Работел и како уметник во издаваштво “Техника”, “Дино и Дина”, “Стршел” и други. Во моментот е управител на “Мишлена”, фирма за графички дизајн, предпечат и печат.  Уредник на “Годишен каталог на бугарската карикатура” – издание на секцијата “Карикатура” при СБХ. Организатор на Првата меѓународна изложба на карикатури, Софија 2010. Добитник на повеќе награди за карикатура во Европа и пошироко.
Алла и Чавдар Георгиеви (Бугарија) работат заедно во областа на карикатурата од 1982 година. Носители се на над 30 национални и меѓународни награди. Во 2008 наградени се со Гран При за карикатура на Сојузот на бугарските уметници. Во 2010 се носители на наградата на името на Дончо Донев. Двајцата имаат реализирано 5 самостојни изложби, меѓу кои во Габрово, Пловдив, Софија и во Киев, Украина. Издавачи се на книгата “Загубени во рајот”. Нивните дела се сопственост на повеќе престижни меѓународни галерии. Исто така, нивните дела се објавувани во многубројни популарни светски изданија за хумор.