Светската галерија на карикатури е единствена манифестација од овој вид во Македонија, најстара на Балканот и една од најстарите во светот. Формирана е во 1969 од редакцијата на списанието Остен. Со тоа, критичката мисла изразена преку уметничките форми – карикатурата, сатиричниот цртеж и стрипот – стана достапна за широката публика. Во нејзиното досегашно постоење знаела за различни времиња – од комплетна поддршка на заедницата и на институциите, до транзициона невозможност да се појави со годишно издание.
Нејзиното обновување во последните години е обележано со личен ангажман и ентузијазам на оние кои не сакаа да се помират со нејзиното непостоење и на тој начин успеаа да ја одржат на задоволство на заедницата - домашната и меѓународната.
Така, во Скопје и Македонија остана ширум отворен прозорецот кон светот, низ кој рамноправно провејуваат и ветерот и дождот, и сонцето и месечината, а ОСТЕН останува да биде зрак на светлина кој продолжува да опстојува низ времето.