Томо Бундовски, дипломирал на факултетот за ликовни уметности на Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје, на оддел скулптура во класата на проф.Петар Хаџибошков. Се усовршува на академијата Belle Arte во Рим, Италија кај проф.Бруно Либертаторе. Учесник е на бројни самостојни изложби како во земјата, така и во странство. Добитник е на повеќе награди: Димо Тодоровски, Јордан Грабул и наградата за животно дело, скулптура во простор, во Прилеп.
За изложените дела, Викторија Попова (историчар на уметност)
Во опусот дела, техника цртеж, како кај Матис, и кај Томо Бундевски експресијата не е изразена единствено во страста која се прикажува на лице или избива од наглите движења, туку се однесува на целокупната артикулација на линијата како еуфемистички потфат на побуна против целкупното распаѓање на човештовото кое го донесува Танатосот и кое од друга страна ја содржи алузијата на дајмонската синкреза на Еросот - Еросот и Цивилизацијата кои претставуваат извор и асоцијација на стварноста, на асоцијацијата на Орфеј, Нарцис и Дионис со кои се сродни и кои како логика на доминација на подрачјето на умот претствуваат различна стварност.
Нивниот лик на радост и исполнување е глас кој не заповеда, туку пее, гест кој нуди и прима, дело кое е мир и го довршува трудот на победата, ослободување од време кое го соединува човекот со божеството, или човекот со природата, ликови кои го измируваат Еросот и Танатосот.
Таа суштина е изразена преку водечката улога на контурната линија која ги обликува формите со еден вкомпониран линеарен ритам на широки, смели линии кои создаваат мрежа на спонтан гест, или акција со општа експресија на цртежот како извесно дисциплинирано поедноставувње на облиците.
Она што всушност го интригира уметникот е самото општество и човечката судбина во него, како едно напнато размислување за мистеријата на животот и човековата егзистенција, осаменост, страв од смрт, огорчена патетика и сложен фатализам на животот. А, содржината на уметност според Сезан е во тоа што нашите очи го мислат. За Гоген пак, производот на имагинацијата настанува како таинствена основа на душата и на извесен начин ја изразува нашата душевна состојба и нејзините најразлични хармонии.
Така, уметноста создава еден вид контракултура која на некој начин се свртува кон приватното ослободување кое во овој случај го изразува личното, интимното доживување или е тоа односот кон култовите како еден вид либидинална енергија која во борба со агресивната енергија се стреми кон интензивирање, исполнување и соединување на животот со околниот свет, односно како нагон на живот против нагонот на смртта (Фројд).
Антагонистичките тоталитети воопшто, се изразени во радикална опозиција која е расеана и на тој начин миноризирана, такашто одвоено се еманира од нејзината традиционална база.
Но, и покрај својот строг критицизам, овој морал останува конформистички морал, па со самото тоа сосем лишен, склон кон поттик на формалистичко повторување. И покрај целата своја упорност, тоје опасно изложен на компромис, неспособен да одолее на ударот на стварноста. Како што ќе рече Арган, можеби и голем дел од денешниот урбанизам, архитектура и индустриски дизајн, може contradicto in adjekto да се нарече уметност на строг компромис.
Како уметнички јазик кој мора да соопштува вистина и кога осетливоста останува потисната, со што е осакатено искуството, се јавува револт против репресивниот ум кој ја разрешува окованата моќ на естетското во една нова чувственост која ја радикализира и во уметноста, со жестина која укажува дека современата уметност (Маркузе) не се побунува против еден или друг стил, туку против стилот како таков, против уметничката форма во уметноста, односно против традиционалното значење на уметноста.