ТРАГАЊЕ ВО ВСЕЛЕНАТА
Почнувајќи со форма, создадена од звук што осцилира, авторот однапред има визија за случувањата што ќе остават трага во неговото дело.
Сликата се јавува како производна звучна вибрација поставена во центарот на вниманието, но во секое дело, се забележува нов звучен бран во вид на форма, кој сака да комуницира. Цртежот навестува почеток на една необична комуникација помеѓу авторот, музиката и боите, кои во случајов, ја ослободуваат силата на зборот и му ја предаваат на гледачот моќта на звукот, обоена.
На почетокот комуникацијата се одвива скришум. Во цртежите се развива комуникација меѓу праволинискиот и аморфниот звук. Праволинискиот звук не трпи влијанија и го втурнува аморфниот во светот на промените. Тој звук е оној кој комуницира со други сродни звуци и е носител на комуникацијата.
Во мигот кога се добива впечаток дека аморфниот звук е самиот автор, нивото на комуникација се искачува повисоко. Трансформиран во звук, авторот е звук кој бара соодветна форма, за да се изрази визуелно. Влезен во таа димензија,
се претвора во чиста позитивна енергија. Само во таква состојба тој може да комуницира со сето она што е надвор од него и да се движи во сите правци, чувствувајќи се слободен. Секоја слика е таен премин кон скривница во која тешко се разоткрива дали авторот влегол во звукот, или звукот навлегол во авторот, па се изгубила границата, го снемало просторот и исчезнале пречките. Одеднаш, секаде може да се оди и до сé може да се допре и никаде не мора да се оди, за да се допре до сé. Звукот е тој што води и носи до прагот на чувството на бесконечност. Дали тој праг ќе биде пречекорен е индивидуална одлука.
Од дело во дело, авторот наметнува ритам во кој самиот влегува , го следи и го прифаќа како ритам на живеење. Во секој цртеж јасно му е што сака да каже и тоа го кажува прецизно, на едноставен начин разбирлив за секого. Тој, постојано е во допир со чистотата на својата личност, која подлежи на прочистувања, а во исто време го пречистува звукот, го појаснува и преку цртежот остварува контакт со гледачот. Набљудувачот е поттикнат на разговор за делата, ги слуша осцилациите на боите вбоени во цртежот, не дозволувајќи комуникацијата да прекине на релација автор - музика - бои.
Неосетно, Тони Шулајковски станува трагач во вселената. Под дејство на звукот, се ослободува од конечното, а делата овозможуваат комуникација на повисоки нивоа. Слушајќи ги звуците кои низ бои укажуваат на тоа дека истражувањата не завршиле со чинот на финализирање на делата, тие гледаат нов почеток преселувајќи се кај публиката, која за секое дело почнува лична истрага, отворајќи нови досиеја.
Дијана Петкова